Катедра за медицинска хемија

За катедрата

Е-пошта Печати PDF

 

Историјат

Катедрата по медицинска хемија постои уште од формирањето на Медицинскиот факултет во 1947 год. Во почетокот била заедно со Катедрата по биохемија.

Со одлука на Владата на ФНРЈ за нејзин прв шеф бил именуван Божидар Белија, професор на Фармацевтскиот факултет во Загреб. Од 1964 год. за студиите по медицина, хемијата се изучува како посебен предмет во I и II сементар, со вкупен фонд од 120 часови.

Во тој период наставата се одвивала на Природно-математичкиот факултет во Скопје под раководство на проф. Димче Тошев, а по неговото пензионирање под раководство на проф. Благоја Топузовски. Посебен печат врз предметот хемија остава Зоран Здравковски, професор на Природно- математичкиот факултет кој од 1996 до 2005 год. е Шеф на Катедрата по медицинска хемија. Тој ја прилагодува наставната програма со цел подобро да се разбират накои поими и процеси  корисни за идните доктори.

Со воведување на Кредит трансфер системот на едукација (ЕКТС) на Медицинскиот факултет во Скопје, предметот медицинска хемија се префрла на Медицинскиот факултет на Институтот за медицинска и експериментална биохемија каде се вработени соодветно едуцирани кадри обучени да ја изведуваат и практичната и теоретската настава.

Денес предметот медицинска хемија се слуша во II семестар со вкупно 90 часа.

 

Краток опис



laboratorija049556793f61901000pxlabo-001Катедрата по медицинска хемија се наоѓа на Институтот за медицинска и експериментална биохемија на Медицинскиот факултет во Скопје.


Наставниот програм се изведува во текот на летниот семестар, во првата студиска година, со вкупен фонд од 90 часа (41 час теоретска и 49 часа практична настава). Обработувањето на наведените хемиски дисциплини во  наставниот програм е така интегрирано и составено што би требало да му овозможи и помогне на студентот по медицина во разбирањето на биолошките процеси, механизмите на метаболната контрола како и патолошките промени и влијанието на разни лекови.


Предавањата  се слушаат во помала група студенти, според кредит трансфер системот на едукација, каде наставникот ги обработува новите сознанија од содржината на предвидениот наставен план.


Вежбите се наставен облик во кои студентите поединечно или во група ги изведуваат анализите, ги интерпретираат добиените резултати и изведуваат заклуоци врз основа на податоците добиени од изработените анализи. Покрај практичната работа се решаваат и задачи од пооделните поглавја од наставната програма и се толкувааат резултатите. Исто така, се проучува и номенклатурата на органските соединенија со посебен осврт на соединенијата од особен медицински интерес.


Проектната задача (семинарска работа) е облик на настава која се изведува на вежби, а ја подготвува група од тројца студенти по претходно одбрана тема, предложена од наставниците или асистентите.  Во закажан термин групата студенти пред наставникот или асистентот и останатите студенти од групата, устно ја презентираат проектната задача со Powerpoint презентација. Покрај устното презентирање, проектната задача се дава и во писмена форма по правила кои се претходно дадени од катедрата.